Музеј на Старата скопска чаршија

Музејот на Старата скопска чаршија, беше отворен за публиката уште во мај 1983 година, а надополнет со истoрискиот дел од поставката во 1985 година. Во 2012 година поставката беше дополнета со нови истражувања, збогатена и модернизирана со нови медиуми за презентација. Постоjаната музејска изложба на Музејот на Старата скопска чаршија е сместена во просториите на споменикот на културата “Сули ан“ или “воден ан“, еден од најпознатите караван – сараи во Скопската чаршија, кој датира од првата полoвина на 15 век. Изграден од страна на Исхак бег, вториот скопски краишки војвода и завештан како имот на Aлаџа џамија, Сули – ан заедно со Чифте амамот и Мурат – пашината џамија претставувале една урбанистичка средина – таканаречена исламска тројка, каде што луѓето можеле да преспијат и да се одморат, да оддржуваат лична хигиена и да одат на молитва.

Постојаната музејска изложба на Музејот на Старата скопска чаршија се состои од неколку области:

  • Археолошки дел, каде се презентирани сознанијата и артефактите добиени со археолошките истражувања во Чаршијата и Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку монети и кермаички предмети се добива слика за животот во чaршијата и претстава за разновидната трговска испреплетеност на овој простор.
  • Етнолошкиот дел го презентира животот и стопанисувањето во чаршијата преку презентација на неговите најдоминантни професии: занаетчиството, трговијата и угостителството. На поставката главен акцент е ставен на најдоминантните занаети од чаршијата: ќурчиско- кожуварскиот, папуџискиот, терзиско – срмаџискиот, кујунџискиот, казанџискиот, ковачкиот и др занаети.
  • Историскиот дел, преку изложени фотографии, карти и планови, го прикажува основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно – историски споменици во чаршијата.
  • Поставката е придружена и со уметнички дела, инспирирани од мотивите на Чаршијата. Застапена е првата генерација на македонски современи ликовни уметници (Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман и др), како и дел од современите ликовни уметници нa Македонија (Анастасов, Мазев, Перчинков и др.)