Одделение за историја на уметност

Одделението за историја на уметноста во Музејот на град Скопје, како и останатите одделенија, своите почетоци ги бележи во 50-те години на минатиот век, со првото вработување на историчарот на уметноста Наталија Шуковиќ во 1954 година. Во следните две децении музејскиот кадар постепено се зголемувал, а паралелно се проширувале и музејските збирки. Со промена на административниот простор на Музејот во реадаптираниот простор на старата железничка станица во 1970 година, се укажува можност за реализација на првата изложба, која е поврзана со дејноста на одделението, насловена како “Средновековното сликарство во скопската околија низ фреско - копии”. Паралелно со мошне продуктивната изложбена и галериска дејност во одделението, континуирано се работи и на стручни истражувања и теренски евидентирања на сакралните објекти во Скопје и околината.

Заради широката временска рамка која ја опфаќа одделението за историја на уметноста, поделено е на четири оттсеци: Период од 12 до крај на 18 век, Период на преродба - 19 век, Современа уметност и Современа фотографија и филмски материјал. Иако во оттсеците се застапени различни форми на музејска активност, во зависност од материјалот со кој располагаат, сепак нивна заедничка карактеристика е евидентирањето, собирањето, документирањето, стручното и научно проучување на музејските предмети и материјал, публикување и презентирање на истите.

Во рамки на одделението за историја на уметноста припаѓаат и активностите кои се одвиваат во Отвореното графичко студио, кое е основано во 1998 година, а кое нуди програма со неконвенционални изложби кои опфаќаат различни медиуми – графика, видео, инсталации, стрип, музика и др.