Галерија "Јустина и Родољуб Анастасов"
Збирката на дела од Родољуб Анастасов, сместена во Галерија “Јустина и Родољуб Анастасов” во Музеј на град Скопје содржи 349 исклучително значајни ликовни дела од креативниот опус нa доајенот на современото македонско сликарство Родољуб Анастасов, отстапени во трајна сопственост на Музејот на град Скопје. Збирката ја сочинуваат дела кои припаѓаат на различни ликовни циклуси и стилски определби и кои потекнуваат од временскиот период од 1957 до 2010 год. Тоа се главно акварели и цртежи од првата половина на педесеттите години од минатиот век, помал број графики работени неколку години подоцна, потоа вечерните актови кои Анастасов ги работел во првите години од студиите во Белград, значајната серија цртежи од периодот 1957 - 1965 год., подоцна именувани како “Енформелска лабораторија”, слики од периодот на енформелот и натамошните фази и циклуси – “Вибрации”, “Прошетка низ просторот поради причина”, потоа исклучителната серија дела “Во потрага по изгубениот простор”, па “Вертикали на едно постоење”, “Бранување”, “Вклештување”, “Спектар на светлосниот извор”, по кои се надоврзуваат “Небо и човек” и “Човек и време” од 1975-1981 во кои веќе се најавува и чувствува структурата на неговиот најобемен циклус, “Човек и простор”, на кој авторот му е посветен цели три децении, односно од 1978 до 2008год. Најголем дел од збирката на Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов” припаѓа на серијата цртежи врзана за циклусот “Енформелска лабораторија”. По техника на изведба тоа се цртежи на хартија работени во периодот 1957-1960/61 а на неа се приклучуваат цртежи создадени во годините по нив, формирани во логиката на енформелот, како и одреден број цртежи кои Анастасов ги создал за време на робијата на злогласниот Голи оток.
Родољуб Анастасов е роден во 1935 година, во Скопје. Завршил Училиште за применета уметност во Скопје во 1954 година, во 1955 станува студент на Вишата педагошка школа во Скопје. Во 1962 година дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Од 1963 до 1965 година бил на робија на Голи Оток. Бил член на меѓународната група “Јуниј”. Добитник е на бројни награди и признанија. Професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во пензија.
Галеријата “Јустина и Родољуб Анастасов” со организирање на годишни изложби на дела од својата колекција, циклично и континуирано го презентира севкупното творештво на авторот Родољуб Анастасов кое претставува трајно и вредно наследство во ризницата на современото македонско сликарство.
Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, Анастасов ги изнесува со симболичен, психолошки набој и социјално ангажирана порака. Меѓу строгоста на формата и меланхолијата, тој го истражува просторот, во и околу човекот, микрокосмосот и макрокосмосот, надворешниот свет – реален и физички и внатрешниот свет – интимен, имагинарен и метафизички. Како контратежа на сцените во кои се претставени толпа на анонимни силуети на луѓе во кои речиси може да се слушне уличниот џагор, се насликани тивки, осамени, широки пространства во кои човекот е изолиран и најчесто претставен сам во предели кои потсетуваат на пустина. Понекогаш авторот се става во улога на тивок и дистанциран набљудувач на светот околу него, свет кој се наоѓа надвор од неговиот прозорец. Со огромна сугестивност и поетика, Анастасов ја слика драматиката на преживувањето, динамиката на животот, неизвесноста и непредвидливоста, секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото се променливи и дека можат и мораат да бидат подобри...