Одделение за етнологија

Во Етнолошкото одделение при Музејот на град Скопје се истражуваат, собираат, обработуваат и проучуваат предмети од материјалната и духовната култура на населението на Скопје и неговата околина. Предметите го отсликуваат народниот живот и културата и се чуваат како сведоштва на минати настани и начинот на живот. Резултатите од нивното проучување се презентираат на јавноста преку изложби и научни текстови објавени во каталози и публикации.

ЗБИРКАТА ГРАДСКА ОБЛЕКА И НАКИТ содржи предмети кои ги презентираат промените во облековните стилови на градското население во Скопје од 19 век до седумдесеттите години на 20 век. Збирката почнала да се формира во 50-те години на 20-ти век, кога по пат на откуп се собрани предмети кои се одлика на развиеното занаетчиско производство и имаат оригинална и естетска функција. Предметите од ориенталниот стил на облекување „ала турка“ од средина на 19 век до почеток на 20 век, како џубе, антерија, салтамарка, елек, се одликуваат со вешта занаетчиска изработка и се богато украсени со срмен вез, надополнети со накит изработен воглавно од сребро. Градскиот накит од овој период се состои од самостојни предмети на китење според начинот и местото на негово носење на телото. Предметите пафти, прстени, белегзии, се изработени воглавно од сребро и легури на сребро во техники на ковање, гравирање, филигран.

Облеката во европски стил од крај на 19 век и првите децении на 20 век во збирката е воглавно застапена со уникатни рачно изработени фустани, машки свечени одела и шапки. Накитот од почеток на 20-ти век во збирката е од различен материјал од занаетско и индустриско производство, односно „бижутерија“ во контекст на секојдневното украсување. Последниве години е формирана збирка на современа облека. Овие предмети се занаетчиски и конфекциски производи и се одраз на брзата промена на модните текови. Предметите од современата градска облека се во најголем број донирани од граѓаните на Скопје, што укажува на развиената граѓанска свест кон зачувување на културното наследство на градот во кој живеат.

Машки и женски сребрен накит, почеток на 20 век
Машки и женски сребрен накит, почеток на 20 век

ЗБИРКАТА - НАРОДНА НОСИЈА И НАКИТ е една од најзначајните збирки во Музејот на град Скопје, која е собирана или откупена од Скопскиот етнички предел. Збирката содржи облековни делови и накит од народната носија од крај на 19 век сé до 60-тите години на 20 век, кога носијата престанала да се произведува и да се носи. Најголемиот дел од предметите се произведени врз основа на традиционалното текстилно производство од суровините кои се саделе и обработувале, волна, памук, коноп, лен, свила. Жената ја изработувала облеката за целото семејство, а дел од облековните делови и накит биле изработувани од терзии и занаетчии. Носијата зборува за етничката припадност на Македонците во Скопската етничка област. Нејзината разноликост е присутна во етничките предели Скопска Црна Гора, Скопска Блатија, Скопска Торбешија, Дервен, Каршијак и Скопските ридски села. Деловите од народната носија се поделени според класификацијата на тип на предмети, машки, женски и детски. Носијата е поделена во 35 посебни делови на облека. Најголемиот дел од народната носија и накит се откупени, а дел од нив се подарени. Носијата е поделена на облековни делови и украси: кошули (машки и женски), предници и ракави, јаќи китки, машки гаќи, елек женски, елек машки, џубе, саја, долама, з’бан, ќурдија, ќурк, гуња, минтан, долама машка, џамадан, минтан женски, кожувче, бечви (чакшири), палто, фута (вута, скутина, ута, утајка), чорапи, врпца, дизгии, тозлуци, крпи (шамии, марами), појас, срмен колан, пафти, прстен, привезок, ќустек, низат ремен, низа со пари, брош, ѓердан, украси за на глава, врат, гради, белезгија, корил, везени делови, тантели, невестински игли и опинци.

НАРОДНА НОСИЈА И НАКИТ ОД КРАЈ НА 19 ВЕК ДО 60-ТИТЕ ГОДИНИ НА 20 ВЕК, МАКЕДОНЦИ МУСЛИМАНИ, ДОНАЦИЈА НИЈАЗИ ЛИМАНОСКИ, претствува значајна збирка за материјалната култура на Македонците муслимани од територијата на РС Македонија. Долги години ја собирал д-р Нијази Лиманоски, доктор по етнолошки науки, за потребите на Здружението на македонци муслимани и истата ја изложувал во многу градови во Македонија. Збирката во Музеј на град Скопје е од 1998 година, а покасно во 2003 година е дополнета. Содржи многу стари, автентични и уникатни делови од народна носија и накит. Претставува значајно културно наследство. Во 2007 година Музејот на град Скопје ја претстави збирката со изложбата „Материјална и духовна култура на Македонците Муслимани“.

Женска кошула, 20 век, Македонци муслимани, село Октиси, Струшко
Женска кошула, 20 век, Македонци муслимани, село Октиси, Струшко

ЗБИРКА НА МЕБЕЛ И ПРЕДМЕТИ ОД ДРВО Мебелот – како централен дел од домашниот живот – е присутен во многу музејски збирки посветени на заштита на културното наследство. Во Музејот на град Скопје, оваа збирка ја претставува секојдневната „материјална култура“ на градот и неговата околина, оживувајќи го начинот на живот на скопјани низ различни историски периоди.

Колекцијата опфаќа предмети кои го одразуваат животот на руралното население во 19 век под Отоманската империја, богатството и префинетоста на скопските фамилии во првата половина на 20 век, како и секојдневието на средната класа во периодот на Југославија по Втората светска војна.

Музејот на град Скопје ја развива својата колекција повеќе од 70 години. Денес таа нуди богат и разновиден приказ на повеќе од два века културен развој и општествени промени на кои бил подложен градот. Преку над 300 предмети – од троножни столчиња, вретена и разбои, до фотељи, масички и стари часовници – ја откриваат истовремено убавината и вредноста на локалното занаетчиство и динамичните трговски врски на град кој постепено станува метропола.

Збирката на мебел и предмети од дрво го претставуваат богатото и разновидно културно наследство на Скопје и неговата околина. Нејзините експонати ги опфаќаат различните сфери на руралниот и урбаниот живот, движeјќи се од рачно изработени детски лулки до светски признати примери на југословенски индустриски дизајн.

ЗБИРКА ТРАДИЦИОНАЛНА ПОКУЌНИНА ОД МЕТАЛ во Музеј на град Скопје е од особено значење за проучување на традиционалната и градска култура. Предметите од Збирката датираат од 19 и првата половина на 20 век. Изработени се од бакар, месинг, сребро и метални легури. Најголем дел од нив се бакарни и се производ на локални казанџии, а дел се импорт. Казанџиските производи биле многу ценети во минатото, што укажува на фактот дека според бројот и квалитетот на бакарните садови се проценувала имотната состојба на едно семејство. Преку нивната декорација и форма може да се одреди периодот и социјалната структура на корисниците.

ЗБИРКАТА ПОКУЌИНСКИ ПРЕДМЕТИ ОД ГЛИНА, КЕРАМИКА, ПОРЦЕЛАН, СТАКЛО И ЛАМБИ, КАМЕН содржи покуќински предмети употребувани во селските и во градските домаќинства. Тоа се предмети кои имаат утилитарна употреба, но збирката содржи и украсни предмети за домот. Предметите од збирката се занаетчиска изработка, но има и предмети кои се изработувале во домашни услови. Оваа збирка е важна за материјалната култура на населението, предмети кои ги поседувало секое семејство. Во збирката има увезени предмети кои во Македонија се носеле со развивиените трговски врски. Предметите може да имаат свое регионално значење, но најголем дел од предметите имаат универзално значење.

ЗБИРКАТА ТРАДИЦИОНАЛНА ТЕКСТИЛНА ПОКУЌНИНА опфаќа различни видови на домашни изработени ткаеници, од страна на жените од Скопје и од околината на Скопје. Тие претставувале важен дел од опремувањето и естетските карактеристики на традиционалната селска и градска куќа. Збирката располага со текстилни предмети кои датираат од крајот на 19 век па се до 80-ти години на 20-тиот век, добивани преку откуп или донација од жителите од околината на Скопје и градот Скопје.

Жените традиционално биле задолжени за целокупниот процес на создавање на конецот, платното, предметот како и орнаментиката на текстилната покуќнина. Најголемиот дел од текстилната покуќнина била изработена од домашна преѓа од волна, лен, коноп, памук, козина, а понекогаш и од свила. Најчесто се ткаело на хоризонтален разбој, во лита и четворна техника. Текстилната покуќнина често биле доукрасувана со везена орнаментика.

Со својата уникатност и убавина, во збирката се истакнуваат килимите, кои според функцијата се поделени на килими за под, килими за на ѕид, килимчиња за коњ, сандаци, покривки, батании и молитвени килимчиња- сеџадиња. Збирката поседува и значајна колекција на селски перници, крпи за разни намени, торби, пелени и сл. Под влијание на отоманската, а потоа и на западноевропската култура, во градот се користеле и чаршафи, јоргани, прекривки за миндери, миленца, завеси, пердиња и драпери, ткаеници за ѕид итн.

ЗБИРКАТА НАРОДНО СТОПАНСТВО претставува збир на предмети кои го отсликуваат основниот извор на живот и стопанисување на населението во околината на Скопје, а делумно и во градот, во периодот од крај на 19 век па се до половина на 20 век (иако се стопанисува во некои од овие области, видоизменета форма и денес). Збирката располага со предмети групирани по функција во различни стопански гранки. Тука се опфатени повеќе стопански гранки како : земјоделство (полјоделство, фуражно земјоделство, индустриско земјоделство, градинарство, овоштарство, лозарство), сточарство, пчеларство, шумско стопанство или собирачко стопанство.

Орање со плуг во с.Бардовци, почеток на 20 век
Орање со плуг во с.Бардовци, почеток на 20 век

Збирката се однесува воглавно на предмети кои датираат од крајот на 19 век и првата половина на 20 век, кога знаењата за обработување на земјата, за производство и воопшто за одгледување на растенијата, биле засновани врз старите традиции испреплетени со разни обичаи, верувања, обреди и магиски постапки, со цел да се обезбеди добар род преку годината. Се наводнувале само градинарските култури и тоа со употреба на чарк, колце или долап, со кои се црпело и префрлало вода од реките, потоците, или бунарите. Земјата се ѓубрела со природно ѓубре - гној, а вештачките ѓубрива биле непознати се до крајот на Втора светска војна. Нивите се оставале под угар- доколку биле испостени не се обработувале, се оставале да се одморат, и одново се сееле по една или по две години. Застапен бил и плодоред - менување на жетвата секоја година.

Земјоделската алатки кои се застапени во оваа збирка, се направи што луѓето најчесто самите ги изработувале, со исклучок на железните делови, кои се изработувале од страна на занаетчии. Основни земјоделски алатки и орудија биле׃ мотики, копачи (казми), дикели, дрвени рала, плугови; брани од трње и дрвени валјаци за кршење грутки и ситнење на земја, дрвени вили, гребла, српови, коси за жнеење жито, косири-сор за кроење лозја, дикањи за вршење жито итн. Карактеристично орудие за обработка на земјата е: дрвеното рало - има неколку типа зависно од видот на почвата за орање, теренот и традицијата на употреба, но најраширено е ралото со паличник - стреловиден ралник има крив гредел, кој се глави одзади на плазот и личи на кука, со посебно вградена рачка, а ушите како колчиња се забиени отстрана во пазот.

Денес во земјоделството се применува современа земјоделска опрема, но и дел од традиционалните земјоделски алатки и прибор.

ЗБИРКА АЛАТКИ ОД ЗАНАЕЧИСТВО И ТРГОВИЈА е збирка која е презентирна во рамките на депандансот на Музеј на град Скопје, Музејот на старата скопска чаршија. Преку оваа збирка се презентираат професиите кои фунционирале во Скопската чаршија: занаетчиството, трговијата и угостителството. Занаетчиството како најдоминантна област во чаршијата е претставено преку предмети, алатки кои се употребувале во различни занаетчиски дуќани, групирани по области и суровини кои ги обработувале како: кожа, текстил, дрво, метал, прехрана и сл. Збирката соддржи алатки и изработки кои биле собирани, истражувани и откупувани од занаетчиите од скопската чаршија и датираат од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Од алатките кои се употребувале за преработка на кожа, опфатени се оние на ќурчиите, опинчарите, папуџиите и кондураџиите, како и сарачите. Во Скопската чаршија еден од најстарите и најугледни еснафи бил ќурчискиот (крзнарски) еснаф, од кој во Музејот е изложен и ќурчискиот тефтер или деловодната книга на еснафот, извор на значајни информации околу работата, организацијата и бројноста на ќурчиите во чаршијата.
Претставени се и алатки, изработки и амбиенти на папуџиите, сарачите и опинчарите.

Од занаетите кои изработувале предмети од текстил, застапени се алатки на терзиите и френк терзиите, како и алатки на срмаџиите. Од занаетите кои како суровина го имале металот, во Скопската чаршија биле застапени: кујунџиите, казанџиите, ковачите, пушкарите. Кујунџискиот занает бил и сеуште е развиен во Скопската чаршија. Кујунџиите изработувле женски и машки накит како: пафти, ќустеци, табакери, прстени, украси на оружјето и оружарска опрема, предмети за домаќинство, како и црковни реквизити. Најчесто користеле: бронза сребро, позлатено сребро и месинг, кои ги обработувале во техники на ковење, леење, пресување и филигран, а често ги доукрасувале и со други украсни техники на туширање, ниело, инкрустација, гравирање и др.

Казанџискиот занает се развил во Османлискиот период. Казанџиите изработувале садови од бакар, за домашна употреба како: ибрици, ѓумови, котлиња, саани, тепсии, тасови, сефер тасови , потоа предмети за ритуална намена како кандила, кршталници и сл, предмети за хигиена како: легени, амам- казани и сл. Во збирката влегуваат алатките со кои се преработувал бакарот, како чекани, клешти и дурпии со различна големина. Исто така опфатени се и алатките на ковачите. Во збирката се опфатени и занаети кои не биле нужно групирани по еснафи, како бербери, ташнари, чешлари и др. Од трговските алатки, преовладуваат кантари и тегови, кои се употребувале при премер на робата.

ЗБИРКАТА ОБИЧАИ И ВЕРУВАЊА се состои од предмети поврзани со разни обичаи, верувања, празнувања и делувања во народната медицина, од Скопскиот регион и градот Скопје. Тие сведочат за богатството и различноста на општествените и духовните вредности на Скопскиот регион. Голем дел од предметите кои се употребуваат во ритуалната практика се предмети кои се употребуваат и во секојдневието и домаќинството, но сепак некои од нив имаат исклучиво обреден карактер и се регистрираат во оваа збирка. Тука се опфтени предмети кои се употребуват во верски и магиски практики кај повеќе групи на население од Скопскиот регион, кои припаѓаат на христијанската, муслиманската и еврејската вероисповед (јудаизам).

Првата група предмети во оваа збирка се обредни предмети од традиционалната христијанската православна заедница како: библија, кадилници, молитвеници, дрвени поскури и икончиња од домашни кандиларници.

Во колекцијата има и голем број велигденски јајца украсени со срмен или свилен конец, монистра, техники на боена декорација.

Втората група на обредни предмети се од муслиманската верска заедница и тука во колекцијата на Музејот на град Скопје влегуваат: назар тасови, дервишки алеми, дервишки предмети како тепик, дервишки појас и знаме, лехви.

Од еврејската заедница музејот поседува мал број на предмети како ритуални инструменти за обрежување, брит милатри. Составен дел на збирката секако се и предмети од сите верски заедници кои се реквизити на магиските практики и верувања на населението. Тие се употребувале со цел заштита од зли очи и интервенирање со цел обезбедување на заштита, благосостојба, плодородие и среќа. Така во збирката влегуваат и амајлии.

Најголемиот дел од предметите во оваа збирка датираат од периодот на крај на 19 па се до првата половина на 20 век, но процесот на развојност на збирката продолжува и се планира континуирано забележување на верувањата и обичајната практика кај населението, континуирано собирање на предмети и информации.

ЗБИРКА ОРИГИНАЛНИ ФОТОГРАФИИ СО ЕТНОЛОШКА СОДРЖИНА ОД КРАЈ НА 19 ВЕК ДО 80-ТИТЕ ГОДИНИ НА 20 ВЕК,содржи вкупно 2616 фотографии, кои датираат од крајот на 19 век сé до 80-тите години на 20 век. Најголемиот дел од фотографиите се од познати скопски фамилии, нивни портрети или семејни фотографии, сликани во фотографски ателеја во периодот помеѓу двете светски војни и фотографии од сите важни моменти во животот на луѓето, раѓање, детство, созревање, свадба, фамилија, домашни свечености. Во збирката има фотографии и разгледници од градот Скопје, објекти, како и од културно-забавниот живот во Скопје. Најголемиот број на фотографии се собрани при истражувањето на проектот „Стари скопски фамилии и создавањето на граѓанската класа во Скопје во периодот меѓу двете светски војни (1918-1941). Фотографиите се собрани од старите скопски фамилии, кои ги донираа на музејот. Фотографиите имаат особена важност во истражувањето на менувањето, развивањете на општествените, културните и социјалните односи во градот Скопје, до 80-тите години. Во збирката освен оригинални фотографии има и разгледници и и спомен картичи.

Членска карта на еснафската управа на градот Скопје, 1920 година, Скопје
Членска карта на еснафската управа на градот Скопје, 1920 година, Скопје

ЗБИРКА ДОКУМЕНТИ ОД КРАЈ НА 19 ВЕК ДО 80-ТИТЕ ГОДИНИ НА 20 ВЕК, во етнолошкото оделение во Музеј на град Скопје, е создадена во изминатите 20-тина година како последица на научно-истражувачката работа на кустосите во етнолошкото одделение. Збирката содржи документи од 19 век (пишан документ од 1856 година од Сараево, кој треба да се истражи), турски тапии напишани со арапски букви, голема збирка на документи од др. Тома Дендру, збирка од трговец Зојчевиќ, патни исправи, тапии дозволи за трговски работи, покани, преписки, документи од јавни установи во Скопје, најмногу од периодот помеѓу двете светски војни и многу разновидни документи до 80-тите години на 20 век за време на СФРЈ.

ДОНАЦИЈАТА ШОЉИ ЗА КАФЕ од Билјана Трифуновска Куаан, претставува значајна збирка која ќе ја надополни збирката на керамика и порцелан на музејот. Таа содржи збирки на: Порцелански шољи од 70-80-90-ти години на 20 век, Порцелански шољи од туристички патувања, Порцелан увозен, Порцелан со плава шара-кобалт, Шољи со пораки и важни случувања, Шољи со ознака за кафе, реклами, фирми, пијалоци, Шољи за Нова година, Шољи современ секојдневен порцелан. Збирката донација содржи 385+16 шољи за кафе. Претставува значајна збирка донирана во 2023 година.

ДОНАЦИЈАТА СУВЕНИР КУКЛИ од Оливера Христова, содржи 64 кукли од различни земји на светот. Тие се собирани во период на 40 години при туристички или службени патувања. Кажуваат за облеката на многу земји и различни култури.

ЗБИРКАТА ЦРТЕЖИ СО ЕТНОЛОШКА СОДРЖИНА НАСЛИКАНИ ОД АЛЕНКА ГЕРЛОВИЌ, од Музејот на град Скопје се откупени во 1996 година.Содржат 36 цртежи нацртани од Аленка Герловиќ сликар од Словенија (1919-2010) за време на нејзиниот престој во Македонија од 1953 до 1957 година. Цртежите се насликани во Прилеп и прилепски села, Охрид, и во неколку села од етничкиот предел Скопска Црна Гора. Тие се насликани со молив, туш или јаглен. Цртала ликови, цели фигури на жени, некои домашни работи на жената како работа со вретено, мајки до деца, машки ликови, начин на забрадување во Скопска Црна Гора и слично. Претставуваат интересни скици за начинот на облекување. Тие се излoжувани и на етнолошки изложби, на пример изложбата „Таа“ во 2021 година.

Машина за куцање ORGA, почеток на 20 век
Машина за куцање ORGA, почеток на 20 век

ЗБИРКА ТЕХНИЧКИ ПРЕДМЕТИ Како чувар на скопското културно наследство, Музеј на град Скопје се грижи да ги образува идните генерации за технолошкиот и индустрискиот развиток на градот. Социјлната димензија на идустриската раволуција и промените кои што таа ги предизвикала за секојдневниот жител на Скопје може најдобро да се видат преку артефактите од оваа збирка. Предметите ги опфаќаат сите сфери од животот, од телекомуникациски алатки до бела техника и индустриски машини, показатели за богата култура и историја на градот Скопје.

ЗБИРКАТА ПРИБОР ЗА ПИШУВАЊЕ И УЧИЛИШЕН ПРИБОР содржи предмети кои потекнуваат од крај на 19-тиот век до втората половина на 20-тиот век. Збирката содржи предмети кои се користеле како личен прибор за пишување, а најголем дел се училишен прибор од периодот меѓу двете светски војни. Првите предмети во збирката се набавени уште во 60-те години на 20-тиот век, но најголем дел се набавени во 2008 година, што овозможи да се формира оваа збирка. Збирката содржи различни видови на предмети како: мастилници, перца за пишување, кутивче за перца и перодршка, перниче-држач за перца, футрола за писма, циркли, значки за ученички капи, држачи за хартија, притискачи, гуми за бришење, пастели, восок, табличка за пишување, дрвени боички, тетратки.

Мастилница, метал, крај на 19-ти, почеток на 20-ти век
Мастилница, метал, крај на 19, почеток на 20 век