Одделение за археологија

Археологија

Музејот на град Скопје е имател на вредно и бројно археолошко културно наследство во чиј состав се наоѓаат предмети кои се систематизирани во неколку збирки од предисторискиот, античкиот и средновековниот период.

Збирка неолит

Од периодот на неолитот (6400–4800 г. п.н.е.), во Музејот на град Скопе посебно се издвојуваат двете збирки од локалитетите Церје – Говрлево и Слатина – Зелениково.

Неолитската населба Церје – Говрлево е добро позната на македонската и европската стручна јавност благодарение на истражувањата на археологот Милош Билбија. Локалитетот е расположен на јужната падина на планината Водно, на само 7 km воздушна линија од Скопје. Се простира на повеќе од 4 ha, со културни наслојувања од неолитскиот период со длабочина од 4,5 m. Населбата активно постоела помеѓу 6000 и 5200 г. п.н.е. Во рамките на првите истражувања на локалитетот е откриен керамичкиот антропоморфен модел на куќа или „Големата Мајка“, ритуален предмет со исклучително значење за македонскиот неолит. Во 2000 г. при истражувањата на населбата беше откриена уникатна керамичка машка фигура, наречена „Адам“.

Слатина – Зелениково е уште еден од поважните неолитски локалитети во Скопско, особено имајќи на ум дека тој е еден од најрано истражуваните наоѓалишта на ова тло. Локалитетот се наоѓа 24 km југоисточно од Скопје, лоциран на широка речна тераса на десниот брег на реката Вардар. Констатирани се најмалку две фази на живеење – среднонеолитска и доцнонеолитска, од 5800 до 5200 г. п.н.е. Особеноста на овој локалитет е неговата подоцнежна фаза, онаа од доцниот неолит, од која се добиени и првите информации за овој период во земјава. Освен типичните неолитски артефакти, специфика на овој локалитет е отсуството на антропоморфните модели на куќа „Голема Мајка“ и масовното присуство на други типови жртвеници и особено антропоморфните и зооморфните фигурини.

Одговорен кустос за збирка неолит: м-р Љубо Фиданоски, археолог, кустос советник

Збирка од железно време и рана антика

Железното време во скопско или времето на VII и VI век п.н.е. бил период во кој биле создадени сите услови за мирен развој, со афирмирање на локалните културни вредности. Подемот на некои економски гранки, посебно металургијата, предизвикал во тоа време основање на повеќе населби во Скопската котлина, а со тоа и нивни соодветни некрополи. Евидентно е богатството и разновидноста на материјалната култура, во која доминирале металните предмети, пред се бронзениот накит, железни орудија и оружје, но и развиените форми и декорации на локалната керамика.

Скопскиот регион во текот на V и IV век п.н.е. создал специфична локална култура, со изразени раноантички белези. Раноантичките населби се лоцирани на доминантни позиции и со исклучок на Скопското Кале, останатите се распоредени по рабовите на Скопската котлина. Во материјалната култура на раната антика доминираат раноантичките форми на керамика, оружје и метал. Најпознати раноантички локалитети каде Музеј на град Скопје вршел археолошки ископувања се: Градиште – Бразда, Градиште – Средно Нерези, Градиште – Бучинци, Кале – Варвара и Исар – Студеничани.

Одговорен кустос за збирка од железно време и рана антика: Томислав Микулчиќ, археолог, кустос советник

Збирка Скупи – империјален и доцноантички период

Историјата на Скопје во римскиот период се идентификува со таа на римската колонија Скупи (Colonia Flavia Scupinorum). Според површината од околу 44 ha, Скупи е најголемиот римски град во Р.С. Македонија, а воедно и единствениот со највисок самоуправен ранг на римска колонија. Урбаните почетоци на градот Скупи се лоцираат во почетокот на I век. Во времето на Флавиевците (69-96 г.) добива статус на дедуктивна ветеранска колонија. Набргу се развил во голем административен, економски, транзитен, верски и културен центар. Во времето на Диоклецијан (284-305 г.) станува метропола на провинцијата Дарданија. Во IV век е седиште на епископија, а подоцна и на архиепископија. Во 518 година Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, иако тоа не бил неговиот крај. По скромната обнова во VI век, урбаното и организирано живеење конечно замира кон крајот на VI, односно почетокот на VII век. Како помала рурална населба Скупи опстојува до XI век.

Поради значењето на Скупи за проучување на античката култура и историја, Музејот на град Скопје од 1966 до денес работи со планирани, систематски археолошки истражувања на градската територија на Скупи. Исто така, Музејот отпочнува со систематски истражувања на југоисточната некропола во 1970-71. Заштитни истражувања се реализирани во 1973-74, 1976, 1994, 1998 и 2008 и 2010-2012 година. Откриени се околу 5200 гробови од предримскиот, римскиот и средновековен период. Од 1990 до 2007 со прекини се вршат систематски археолошки истражувања на северозападната некропола со откриени околу 300 гробови од бронзено време до доцноантичкиот период.

Археолошките музејски предмети од Скупи (грнчарија, светилки, стакло, предмети од коска и рог, накит и делови од облека, утилитарни предмети, камена пластика, монети) се систематизирани во неколку подзбирки од кои позначајни се: Градска територија, Југоисточна некропола, Северозападна некропола, Камени споменици и Нумизматика.

Одговорен кустос за збирка Скупи: м-р Игор Кузманоски, археолог, кустос советник

Збирка од средновековен период

Збирката содржи значаен музејски материјал и предмети од локалитетите: Маркови кули Чрнче – Водно, Скопска тврдина – Кале, црква Св. Спас – Скопје, Сули ан – Скопје и Марков манастир – Сопиште. Помеѓу нив, истакнато место заземаат наодите на луксузни трпезни глеѓосани садови од XII и XIII век, кои сочинуваат една од најбројните и највредните збирки на садови од овој тип на Балканот. Скапоцените литургиски предмети како што се фрагментот од позлатениот опков за икона на Св. Богородица, како и познатиот путир од позлатено сребро и украса со емајл и драги камења откриваат само мал дел од церемонијалниот сјај со којшто бил исполнет религиозниот живот на средновековно Скопје. Збирката содржи и вредна колекција на монети од времето на византиското и српското владеење на овие простори.

Збирка од османлиски период

Петвековното османлиско присуство оставило силен и траен белег којшто е нераскинливо поврзан со идентитетот на градот Скопје. Посебно старата Скопска чаршија со нејзината структурна поставеност, архитектонските градби и религиозна топографија и ден-денес дише со чист ориентален дух. Збирката содржи многуброен и разновиден материјал од локалитетите: Скопска тврдина – Скопје, Градиште – Кале, Сули ан, Стара скопска чаршија и Камен мост. Предметите се класифицирани во четири подзбирки: Епиграфски споменици од османлиски период, Монети од османлиски период, Османлиски монети од Скопска тврдина и Религиозни и други предмети.

Нумизматика

Нумизматичката збирка на Музеј на град Скопје брои околу 10 000 монети добиени при систематските археолошки истражувања, пред сé на археолошкиот локалитет Скупи, но и на археолошките локалитети Таор, Марково Крувче и некропола Пржали, с.Варвара, реализирани од Музеј на град Скопје во последниве неколку децении. Мноштвото монети се откриени на археолошкиот локалитет Скупи и за голем број од нив, во тек е процес на конзервација.

Нумизматичкиот материјал кој е на рaсполагање на Музеј на град Скопје посочува на постоење на високоразвиена монетарна економија во скопската котлина од почетокот на I век до крај на VI век од н.е. Поточно, употребата на монети исковани во подалечните ковници на Империјата и во разновидни монетни деноминации, укажуваат на интезивна монетарна циркулација на територијата на градот Скопје во антиката.